Во изминативе години лошиот однос кон турските државјани кои доаѓаат со намера да ја посетат Република Македонија станува тренд. За жал одговорните лица не само што не ги превземаат потребните мерки туку и немаат никаков однос кон ова прашање. Државјаните на Република Турција кои уредно излегуваат од границите на својата земја наидуваат на незаконски третман на граничните премини во Република Македонија и без никакво образложение се враќаат назад, изјави на пресконференција пратеникот на ТХП, Енес Ибрахим.
– Дали за власта по автоматизам сите државјани на Република Турција се потенцијални терористи, радикални исламисти, криминалци?
На што се должи ваквиот пристап и сите овие предрасуди? Според кои стандарди се прекршува правото на слободно движење, а со тоа и меѓународната конвенција за човекови права? Постојат сериозни сведоштва со кои се утврдува дека дел од граничните службеници бараат мито за да дозволат турските туристи да влезат во Република Македонија – нагласи Ибрахим.
Тој рече дека Македонија и Турција со години негуваат добри односи во сите полиња и доколку продолжи ваквиот игнорантски однос кон турските државјани секако ќе влијае негативно врз братскиот однос на двете земји.
– На овој начин не се привлекуваат турски инвеститори, студенти, туристи. Важно е да се спомне дека турските државјани се најбројните туристи во Македонија и имаат сериозен финансиски импакт за нашата земја. Крајно време е одговорните лица да излезат со официјален став и образложение за овој незаконси и некоректен однос кон државјаните на Република Турција. Затоа го повикувам министерот за внатрешни работи Митко Чавков конечно да се позанимава со овој проблем и да ја информира јавноста со каква цел, намера или причина се применуваат вакви методи врз турските државјани – оцени пратеникот на ТХП.