Станува збор за еден необмислен акт на државата. Не е тоа само урбана мафија, тоа е државна мафија. Сите знаеме што значи ништењето на екологијата, на дрвјата, тоа е фактички ништење на животот, тоа е еден од главните услови, рече поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски.
Тој, како и дел од граѓаните утрово беше во паркот во Тафталиџе на улицата Букурешка, со цел да го одбрани и последниот парк на улицата кој општината сака да го претвори во градилиште, за и таму да се појави нова зграда.
– Според тоа, сето тоа што се изведува во последните неколку години меѓу кои еве, пример е и ова навлегување во едно катче на децата. Гледајќи што се случува, особено во овој период сега, кога градот и државата знаеме со што се судруваат. Пред се мислам дека ова раководство кое што е сега, потпомогнато од раководителите од општина Карпош, градоначалникот на општината, каде што се вадат со некое урбанистичко планирање од 2003 година што граѓаните тоа длабоко го порекнаа, веќе дадоа и свои иницијативи, свои барања за измена на урбанистичкиот план, меѓутоа кој веќе размислува за урбанистички план, па посебно овие, овие што директно го рушат, од нив не очекувајте дека ќе се грижат за животот. Инаку се руши еден од принципите на уставното парво, правото на животна околина, право на здрава животна средина, животот треба луѓето да го живеат, рече Ивановски.
Според него, сето тоа што се прави е поминато во приватна сфера, во приватни интереси каде што ако нема промена по декемвриските избори, тешко на граѓанството.
– Луѓето се решени да го бранат паркот по цена на најдоброто, на најмилото нешто. Тоа е малски протест, не се темели на партиско прегрупирање. Мислам дека ќе останат во одбрана на тоа што треба да се брани, рече Ивановски.
Александар Тодески