Носителката на златен медал од последните параолимписки игри во Лондон, битолчанката Оливера Наковска денеска во подножјето на Баба Планина, прва засади дрвце во рамките на акцијата „Засади дрво-засадија својата иднина“.
Во непосредна близина на битолското село Раштани, покрај Наковска дрвца засадија и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, градоначалниците на Битола и Новаци Владимир Талески и Лазар Котевски, вработени од јавните претпријатија, студенти, ученици и претставници на граѓански организации.
– Оваа година, неколку месеци, преку координативното тело што јас го предводев, во МЗШВ одржувавме состаноци се со цел успешно да ја реализираме годинешната акција за засадување на дрвца. Во периодот од 2008 до 2011 година засадени се и се возобновени повеќе од 9.500 хектари голо земјиште, со над 50 отсто успешност на засадените садници. Национален приоритет за Владата на Република Македонија зацртан и во Законот за шуми е засадувањето на дрвца, и истото е предвидено и во националната стратегија за одржливост на шумите, истакна Коњановски.
На површина од 70 хектари во Битолско се пошумуваше со даб, бел бор, црн бор, јасен и питом костен. Во досегашните акции во Пелагонија засадени се 1,2 милиони садници на површина од 400 хектари со 62 отсто успешност на засадените површини, беше истакнато на денешната средба со новинарите во Битола.