Британскиот пратеник Сајмон Данчук (49) е уапсен и задржан два дена во притвор во Шпанија, пишуваат британските медиуми.
Данчук е осомничен за предизвиканиот инцидент, што се случил во градот Аликанте, по бурната и бучна расправија со сопругата од која е разделен, но не и разведен.
Сопружниците Данчук војуваат преку медиумите уште од нивната разделба.
Таа има изјавено дека сака да води „слободен живот“ и се фотографира во разголени пози за таблоидите, што беше една од причините за разделбата, додека тој е на работ да биде осомничен за „сексуално насилство“.
Во декември минатата година, Данчук беше суспендиран од членството во Лабуристичката партија откако призна дека и испраќал „непристојни предлози“ на една 17 годишна девојка.
Според медиумите во Лондон, по две ноќи поминати во полициски притвор, пратеникот бил пуштен на слобода, но не се споменува дали против него е подигнато и формално обвинување.
Британскиот Форин Офис потврди дека нивниот конзуларен оддел помагал во случајот на „еден британски државјанин во Шпанија“ но без да го открие неговиот идентитет.
Лабуристичката партија одби да го коментира апсењето на нивниот суспендиран пратеник.