На кандидатите на Сојузот за иднината за градоначалници на Скопје и на Центар, Макрадули и Жерновски, и на членови и симпатизери на СДСМ, работниците од фирмата „Бетон“ им попречија да засадат дрво на местото каде што некогаш беше парк, а пред извесен период дрвата беа исечени.
Просторот пред хотелот „Бристол“ сега е градежен терен, каде што ќе почне изградбата на административна десеткатница во која ќе се сместат 7 државни институции, зграда на ЕЛЕМ и катна гаража. Граѓаните жестоко се спротивставија на уништување на зелените површини и градење на административна зграда, но мнозинството во Општина Центар, во ноќните часови ја изгласа одлуката за градење.
Работниците од „Бетон“ со параван им го затворија влезот на претставниците на опозицијата, која со транспаренти „Гас маски за секое дете“ и „Не сакаме сивило, сакаме паркови и зеленило“ протестираше против урбаната мафија и самоволието на власта.