Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски точно на пладне пристигна во СЈО каде е повикан да даде исказ за случајот „шлаканици за Жерновски“ и демолирање на општина Центар.
Во “бомбата“ која минатата година ја обелодени СДСМ, се слуша како што рекоа, како Груевски бара да се подготви сценарио во кое тукушто избраниот градоначалник Андреј Жерновски ќе добие неколку шлаканици в лице:
„Подготви го Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме… Во петок ќе му собереме 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, нели имаат право граѓани да влезат. Па да видиме, да размислиме, дали еден да стане и три – четири јаки шамари да му врзе пред сите. Не може ништо да му се направи (на сторителот, н.з), нема тешка телесна повреда тука за кривична, има само за прекршочна“, вели во прислушуваните разговори гласот, за кој Заев рече дека е на тогашниот премиер Никола Груевски.
По ова следуваше нарачан протест пред општината, организиран од дотогаш непознатата граѓанската иницијатива „Веритас“, под образложение дека градоначалникот на Центар сака да ја запре изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“, што од страна на Жерновски беше неколкупати демантирано.
Протестите беа насилни, се рушеше оградата, се маваше со камења и во опасност беа доведени во прашање животите на Жерновски, советниците, медиумите, општинската администрација, но и на неколкумина амбасадори кои дојдоа да се уверат сами што се случува во општината.
Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски неколку пати се обраќаше до тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, барајќи да ги открие насилниците кои учествуваа во нападите врз општинската зграда во јуни 2013 година..
„Недозволиво е 15 месеци да не се откријат насилници фатени на камера. Уште повеќе што наводната НВО ‘Веритас‘, која тогаш се јави како организатор на протестите, воопшто не е регистрирана како невладина организација“, напиша тогаш Жерновски во писмото.