Реакции на грчките политичари по неуспешниот состанок на еврогрупата

Од:

Грчкиот премиер Андонис Самарас ги повика еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд да се држат до своите обврски откако двете страни не успеаја да се договорат како да го направат грчкиот долг одржлив.

– Грција го направи тоа што го мораше и на што се обврза. Нашите партнери сега имаат обврска да ги исполнат задолженијата што ги преземаа, се вели во изјавата на Самарас објавена по неуспешниот состанок на еврогрупата, која во понеделник повторно ќе се сретне.

– Не само Грција, туку целата еврозона зависи од одлуките на нашите партнери. Не може да се дозволи понатамошно одолговлекување, нагласи Самарас кој денеска ќе отпатува за Брисел каде утре ќе се одржи самит на лидерите на Европската унија, јави дописникот на МИА од Атина.

Грчкиот премиер утре во Брисел ќе се сретне со шефот на еврогрупата Жан Клод Јункер. Самарас во меѓувреме ја откажа посетата на Катар со цел да учествува на следниот состанок меѓу еврогрупата и ММФ кој ќе се одржи во понеделник.

Лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос ги повика партнерите на земјата и кредиторите да се воздржат од користење на Грција како „алиби“ во рамките на пошироката европска криза, повторувајќи дека „земјата која останува без готовина, постојано донесува тешки одлуки“.

Тој додаде дека прашањето на одржливоста на грчкиот долг е покренато претходно и оти доведе до тешки и долги преговори во февруари.

– Несогласувањата меѓу еврозоната и ММФ не се ништо ново, рече Венизелос, кој коментираше дека двете страни требаше да донесат одлука пред утрешниот состанок на ЕУ за буџетот на Унијата.

Според него, прашањето за одржливоста на долгот треба да биде финализирано во текот на следните неколку дена, „не само затоа што на Грција и треба и заслужува нова почетна точка, туку и затоа што на еврозоната итно и треба создавање на рамка за самозаштита и перспектива“.

Неуспехот на Еврогрупата да донесе одлука за доделување на следната транша од помошта за Грција, како и за тоа како да се направи грчкиот долг одржлив поттикна потсмев кај грчките опозициски политичари.

Сириза ја критикуваше стратегијата на Владата да се сложи со сите барања на „тројката“ за да ја обезбеди следната транша и пратеникот Димитрис Пападимулис коментираше дека неуспешниот состанок на еврогрупата истакна колку греши коалициската Влада.

„Ново одложување. Во понеделник (за кога е закажан следниот состанок) ќе ја забранат помошта до изборите во Германија. Владата прави се што бараат, а за возврат е понижена“, напиша на својот Твитер профил Пападимулис.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит

Силен земјотрес ја погоди Грција