Нема повредени припадници на АРМ во нападот што се случи изутрината во близина на базата во Кабул каде што се сместени македонските мировници, информира денеска началникот на ГШ на Армијата на Република Македонија генерал мајор Горанчо Котевски.
Сите припадници на македонскиот контингент во Авганистан се во добра состојба, истакна генерал Котевски, кој заедно со министерот за одбрана Фатмир Бесими претпладнево во касарната „Илинден“ засадија дрвца во рамки на акцијата „Ден на дрвото“.
– Добро е што нашиот контоингент е професионално поставен и нема ниту жртви ниту повредени, изјави министерот за одбрана Фатмир Бесими, додавајќи дека е добро оваа вест да се сподели навремено за да ја слушнат семејствата на нашите мировнци и граѓаните на Македонија.
Одговорноста за денешниот самоубиствен напад во близина на американската база Кемп Егарс во Кабул ја презедоа талибанците. Во инцидентот загинале двајцата напаѓачи и двајца членови на обезбедувањето на базата, а петемина цивили се повредени.