На електронска аукција Прилеп продаде 5.300 метри квадратни површина кај железничката станица, наменета за транспортен центар во чии рамки треба да се изгради нова автобуска станица.
Сања Шестакова, која го купи земјиштето вели дека за брзо, неколку месеци ќе ја изградат станицата.
– Станицата ќе биде на 500 до 700 метри квадратни со сите неопходни објекти и простор за автобуската станица. Сакаме да се категоризираме во прва категорија со работно време 24 часа. Ќе има билетарница, тобако, да се издава простор под наем за други придружни објекти. Ќе биде цврста градба, челична конструкција и панели како што се современите објекти на станици и аеродроми, вели Шестакова.
Автобуската станица ќе ја менаџира фирмата „Пелагонија бус“.
– Имаме искуство кога е во прашање автобускиот сообраќај. Сопственици сме на автобуските во Берово, Штип и Велес. Ќе се гради според стандарди и да се задоволат сите услови пропишани со закон за патен сообраќај, вели Шестакова.
Досегашниот Противпожарен дом ќе се дислоцира на неколку пункта во градот за да може единицата ефикасно да работи.
Според градоначалникот Марјан Ристески изградбата на нова современа автобуска станица во Прилеп се заговараше со децении, зашто сегашната во центарот на градот не задоволува никакви услови. Новиот поширок простор околу новата автобуска станица ќе се доуредува.
– Во близина е железничката станица. Преку Европската унија и Владата заедно со локалната самоуправа се обезбедени средства за уредување на целиот простор што ќе ја зафаќа железничката станица – тротоарите, зелените површини, осветлувањето, сообраќајно уредување со кружни текови, изјави градоначалникот Ристески.
Новиот сопственик на земјиштето Шестакова вели дека наредната година, до лето Прилеп ќе добие нова современа автобуска станица.