Младинската ракометна репрезентација на Македонија го освои 15. место на Европското првенство за играчи до 20 години што се одржува во Данска. Денеска во дуелот за 15. место Македонија по продолжение ја совлада Русија и со тоа ја постигна првата победа на шампионатот, откако претходно имаше шест порази.
Нашите младинци одиграа уште еден резултатски неизвесен натпревар, а во регуларните 60 минути не го реализраа последниот напад, па дуелот заврши 27:27. Во продолжението Македонија во последните минути стигна и до два гола предност (33:31) откако по ударот на Филип Талески, одбиената топка ја прифати Мице Шилегов и постигна гол. До крајот Русија успеа само да го ублажи поразот.
Талески со 11 голови беше најефикасен кај Македонија, додека признането најдобар на дуелот му припадна на Давор Палевски.
Денеска се играат натпреварите за пласман од 9 до 15. место, а другите двојки се: Србија – Шведска (13.место); Холандија – Словенија (11.место) и Швајцарија – Унгарија (9.место).
Утре се играат дуелите за медалите, а комплетната програма е: Исланд – Полска (7.место), Данска – Норвешка (5.место), Хрватска – Франција (3.место) и Шпанија – Германија (финале).