Груевски: Да не се злоупотребува случајот „Монструм“ за политички цели

Од:

Премиерот Никола Груевски во одговор на прашање од пратеникот Зијадин Села од ДПА во попладневниот дел од собраниската седница апелира политичките партии да не го злоупотребуваат случајот „Монструм“ за политички цели.

Повтори дека не станува збор за монтиран случај и истакна оти за убиството на петте невини деца треба да му се овозможи на судот да постапи на јасен, транспарентен и законски начин и да изрече пресуда согласно вистината и законите.

„Сакам да отфрлам какви било политички инсинуации дека има некакви монтажи или злоупотреби, а најмалку дека тоа се на етничка основа или слично. Сите треба да се бориме судот да го заврши непристрасно и професионално овој случај без притоа да му се врши каков било притисок. Да почекаме да дојде одлуката на судот и да дадеме поткрепа на еден транспарентен законски процес“, рече Груевски.

Во врска со изјавата на министерот за информатичко општество за предлог законот за медиуми и застапеноста на турските серии дадена на трибина во Битола, премиерот истакна дека станува збор за несоодветно изразување на министерот и оти изјавата е извадена од контекст.

„Не е точно дека имаме каков било план за забрана за турските серии, ниту за забрана за какви било серии. Никогаш не сме забранувале медиумски серии или филмови. Проблемот е тоа што Македонија има слаба продукција во смисла на производство на домашни серии и тој проблем нема да се реши со тоа што ќе се забранат турските серии. Точно е тоа дека македонските медиуми треба да размислат и за сопствено производство“, рече Груевски, одговарајќи на прашањето поставено од пратеникот Ердоган Сарач.

Нагласи дека како Влада прават максимум напори да им помогнат на Турците во Македонија и оти и во иднина ќе продолжат да ги негуваат пријателските односи со Турција.

„Не се обидувајте да политизирате на ова прашање. Во многу наврати сме ги докажале нашите пријателски релации и однос кон Турците во Македонија и кон Турција. Ваквите обиди нема да ви помогнат“, му се обрати Груевски на Сарач.

Би можело да ве интересира

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски

Предлог-законот за заемот од Унгарија на пленарна седница

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта го турка коруптивниот Закон за кредит од Унгарија по секоја цена

Собранието ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите