Младата машка ракометна репрезентација на Македонија го претрпе и третиот пораз на Европското првенство за играчи до 20 години, што се одржува во Данска.
Во натпреварот од последното 3.коло на Ц групата, што се одигра попладнево во Колдинг, македонските младинци, се поразени Холандија со 33:30.
Лошата игра на црвено-жолтите особено во првите 15 минути, како и одличниот контранапад на младите Холанѓани им донесе шест голови предност, која до крајот на првото полувреме знаеја да ја сочуваат, па првиот дел го добија со 17:11.
Ништо поразлично не одиграа избраниците на Јовиќ ниту во вториот дел. Безидејно во нападот, меко во одбраната, па со таквата игра поразот беше неизбежен, за на крајот конечниот резултат да гласи 33:30 за Холандија.
Со овој пораз нашата селекција остана последнопласирана во Ц групата во која вечерва ќе се игра натпреварот меѓу домаќинот Данска и селекцијата на Норвешка по кој ќе биде познат и конечниот пласман на табелата, како и кои репрезентации ќе играат во главната фаза, односно која ќе биде втората селекција покрај македонската која ќе игра за пласман од 9. до 16. место.