Денеска сме во Горно Мојанце во општина Арачиново, на средба со сточарите од овој регион. И овде глетката е иста како во цела Македонија. Неспособноста и неажурноста на институциите на Министерството и на Агенцијата за храна и ветеринарство, особено во делот на справување со болеста Јазлеста кожа се гледа и во овој крај, и сточарите од овој крај ги имаат истите проблеми, и истите маки. Првенствено е тоа што институциите ги нема на терен, а сточарите се оставени сами, рече Љупчо Николовски од Извршниот одбор на СДСМ.
– Сакаме да потсетиме дека институциите и властите во Македонија, уште во 2015 година беа информирани и знаеја за можноста од ширењето на болеста Јазлеста кожа и во Македонија. Сега токму оваа болест коси низ цела Македонија, го преполовува добиточниот фонд. Ќе банкротираат сточарите, а во прашање се доведува и опстанокот на млечната, и на месната индустрија во Македонија. Уште од 2015 година, институциите направија многу грешки, направија многу пропусти, не беа обезбедени материјални и финансиски сретства, не беа донесени плановите што треба за институциите да можат да се справат со оваа болест, а грешките се повторија и продолжија и во 2016 година, со самото потврдување на болеста и нејзиното ширење во Македонија. Само да потсетиме дека повеќе од три месеци доцнеше пристигнувањето и набавката на вакцината којашто требаше да биде резервирана од страна на Македонија уште во 2015 година, рече Николовски.
Се уште целосно не е спроведена вакцинацијата во Република Македонија, а нема ниту еден сточар кој е обесштетен за угинатиот добиток и за угинатите говеда. Институциите не само што не си ја вршат својата работа, туку и ден денес ги нема на терен, да помогнат во справувањето со катастрофалните последици од оваа болест. Затоа повикуваме, Агенцијата за храна и ветеринарство, сите надлежни институции, веднаш со целиот свој капацитет да излезат на терен и да помогнат на сточарите во справувањето со последиците од болеста Јазлеста кожа, вели Николовски.
– Повикуваме државата веднаш да исплати обесштетување за секој сточар кој има угинат добиток како последица од ширењето на оваа болест Јазлеста кожа. Повикуваме на многу повисока професионалност, но и потенцираме дека одговорност за неспособноста и непрофесионалниот однос на институциите во делот на справувањето со болеста мора да има. Одговорност мора да има, секој ќе мора да одговара пред законот, рече Николовски.