Поранешниот капитен на англиската фудбалска репрезентација, Дејвид Бекам изјави денеска дека го напушта клубот ЛА „Галакси“, за кој настапуваше последните пет години, но вели дека нема да се раздели од фудбалот и да се пензионира.
Во соопштение за британската јавност, овој англиски фудбалер кој настапуваше за „Манчестер Јунајтед“ и за „Реал Мадрид“, инсистира дека и покрај 37 – годишната возраст, се уште не помислува на повлекувањето.
– Сакам да се соочам со последниот предизвик, пред да ја завршам кариерата, вели Бекам.
Во текот на минатата година, лондонските медиуми тврдеа дека води преговори со парискиот клуб „Пари Сен Жермен“, каде се најавуваше дека би ја завршил својата меѓународна кариера, а минатата недела весниците објавија дека Бекам се сели во Австралија, каде ќе игра за еден клуб во Мелбурн. Претставник на Бекам го демантираше таквото тврдење, но претседателот на австралискиот клуб и натаму тврди дека прославениот англиски фудбалер кариерата ќе ја заврши во Австралија.
Дејвид Бекам се уште очекува да биде повикан од англиската фудбалска федерација, за да го одигра прошталниот меч за националната селекција.
Бекам е роден во Лондон, во 1975, а дебитираше како фудбалер во 1992 година, за „Манчестер Јунајтед“, клубот на кој му се приклучи кога имаше само 16 години. Во 1993 година го потпиша својот прв професионален договор, а сега важи за најбогатиот спортист-фудбалер во Велика Британија, создавајќи од своето име светски позната марка.