Дејли Меил – Лондон
Природните сили на еволуцијата и натаму го обликуваат човекот, наспроти тоа што делува дека веќе сме го достигнале врвот од својот развој, велат научниците.
Истражувачите нашле генетски докази дека природната селекција и натаму води кон еволуција на човекот.
Претходните истражувања покажуваа дека човекот престанал да еволуира пред околу 40.000 години. Меѓутоа, неодамнешните студии не одат во прилог на тоа и покажуваат дека развојот на човековите суштества продолжува.
Новото истражување спроведено на Харвард анализираше поврзаност меѓу релативно репродуктивниот успех во текот на животниот циклус (рЛРС) – кратенка која го мери бројот на потомците кои поединецот ги има во текот на животот и варијантата на гени кои порано биле поврзувани со многу особини.
Студијата се фокусирала на луѓе во САД, кои се потомци на Европејци и кои се родени од 1931 до 1953 година.
Резултатите покажаа негативна поврзаност меѓу рЛРС и нивото на образование на испитаникот, што значи дека пообразуваните луѓе имале помалку потомци.
Од еволутивна перспектива, тоа значи дека природата фаворизира помалку образовани поединци.
Меѓутоа, трудот објавен во списанието ПНАС, укажува дека промените се премногу мали, ако ја имаме предвид брзината на културолошките промени и промените на околината со кои се соочуваат новите генерации.
Во овој труд д-р Џонатан Бјукам, кој ги предводел студиите пишува: „Иако не можат да бидат проектирани на повеќе од една генерација, моите резултати нудат дополнителни докази дека луѓето и натаму еволуираат, но бавно, посебно во споредба со промените во околината‟.