Драган Раца, селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, попладнево ја имаше првата прозивка на играчите на кои ќе смета за претстојните квалификации за Европското првенство во 2017 година.
Од оние кои се на поширокиот список досега ниту еден официјално не го откажал својот настап во црвено-жолтиот дрес. Селекторот напомена дека до канцеларијата на МКФ сигнал допис од менаџерот на Перо Антиќ, но засега Раца не можеше да потврди било каква информација за откажување или не на Антиќ од репрезентацијата. Што се однесува до Самарџиски засега останува информацијата дека тој се уште има проблеми со повредата.
– Како што споменав на првата средба со вас медиумите, ќе се повторам уште еднаш. Ќе играме со оние кои ќе сакаат да го носат националниот дрес. Оние кои не сакаат ќе ги заборавиме, па би ве замолил никогаш повеќе да не зборуваме ниту сакам да ги споменуваме оние кои не сакаат да играат за Македонија. Од денеска ќе се фокусираме само на подготовките и самите квалификации, беше дециден селекторот Раца.
Што се однесува до евентуалниот ангажман на странци во националниот тим, Раца нагласи дека наскоро и тоа прашање ќе биде решено, а, како што рече, не е исклучена и можноста Лестер Бо Мекејлеб да заигра пак за репрезентацијата.
На списокот на Раца се наоѓаат: Александар Костоски, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Димитар Мираковски, Андреј Магдевски, Адем Мекиќ, Димитар Караџовски (бекови), Стојан Ѓуроски, Бојан Крстевски, Кирил Николовски, Бојан Трајковски, Марјан Јанески, Ѓорѓи Чековски (крила/крилни-центри), Перо Антиќ, Љубомир Младеновски, Педраг Самарџиски, Марко Дујковиќ (центри).
Оние кои се на списокот, попладнево (од 19 часот) во малата сала ќе го одржат и првиот тренинг, единствено ќе недостасува Марко Симоновски поради здравствени проблеми.
Предвидено е да се работат по два тренинга на ден, се до првите контролни натпревари нашите на гости против Бугарија закажани за 5 и 7 август.
Потоа избраниците на Раца продолжуваат со тренинзите во Скопје, каде од 17 до 19 август ќе бидат домаќини на „Трофејот Македонија“ кој ќе се игра во Скопје, а противници ќе бидат Црна Гора, Бих и Белгија.
Последните контролни средби пред стартниот квалификациите црвено-жолтите ќе ги имаат во Љубљана од 22 до 25 август против најдобрата репрезентација на Словенија по што се враќаат во Скопје на завршните тренинзи пред стартот на квалификациите на 31 август.
Распоред на натпревари:
31 август Македонија – Луксембург
3 септември Велика Британија – Македонија
7 септември Македонија – Унгарија
10 септември Луксембург – Македонија
14 септември Македонија – Велика Британија
17 септември Унгарија – Македонија
Натпреварите како домаќин Македонија ќе ги игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци.