Соединетите Американски држави ја предупредија Турција поради “јавните инсинуации“ за американска вклученост во обидот за државен удар, истакнувајќи дека таквите тврдења кои се целосно неточни, ќе им штетат на меѓусебните односи.
Американскиот државен секретар Џон Кери се огласи откако турскиот министер за труд изрази одредени сугестии дека САД стојат зад неуспешниот обид за државен удар.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика САД да го испорачаат турскиот клерик Фетхула Ѓулен кој неколку години се наоѓа во САД, а кој од турската власт е означен како човекот кој го организирал воениот удар.
Ердоган, аргументирајќи го барањето за негово испорачување кажа дека на САД, воениот сојузник на Турција во НАТО, никогаш не било одбиено барање за предавање на терористи на таа земја.
-Ако сме стратешки партнери тогаш треба да одговорите на нашето барање, рече Ердоган во директен телевизиски пренос.
Кери, кој се наоѓа во Луксембург, одговори дека САД го прифаќаат фактот дека “околу Ѓулен ќе се поставуваат многу прашања“. Но тој рече и дека Турција мора да покаже “легитимни докази“ поврзани со своите тврдења кои САД потоа ќе ги разгледаат.