Електричниот кросовер „Модел Х 60Д“ има батерии со помал капацитет и се продава по цена од 74.000 долари.
Својот прв електричен кросовер, „Тесла Моторс“ го лансира во најскапата варијанта „90Д“, со батерии од 90 кWч. Од компанијата тогаш најавија дека подоцна ќе бидат достапни и попристапни веризии. Помалку од една година по премиерата на „Модел Х“ на пазарите во САД, доаѓа најевтината опција „60Д“ што е со почетна цена од 74.000 долари и е поевтина за 9.000 долари од првата следна понудена верзија, „Модел Х 75Д“.
„Модел Х 60Д“ има автономија на движење од околу 320 километри, што е за околу 60 километри помалку во однос на километражата која со едно полнење на батериите може да ги мине „Модел Х 75Д“.
Максималната брзина е иста како и кај поскапите возила и изнесува околу 210 километри на час, како и забрзувањето – електромобилот од 0 до 96 километри на час (0-60 милји на час) стигнува за шест секунди.
„Тесла Моторс“ соопшти дека на корисниците кои сега ќе го нарачаат овој модел, возилото ќе им биде испорачано во септември.