Министерството за култура реагира на пресот на СДСМ од каде посочија дека четири години само се ветува обновата на стариот театар.
-Во потполност ја разбираме паничната реакција на локалниот огранок на СДСМ во Струмица. Мора да е многу тешко пред граѓаните на општина Струмица да се објасни зошто во дури три мандати нивниот градоначалник не успеал да изгради ниту еден единствен објект кој би бил во функција на унапредување на културното живеење во општината. Наместо јалови политички памфлети кои служат единствено да ја прикријат неспособноста на општинското раководство, го повикуваме локалниот огранок на СДСМ Струмица да посочи еден единствен објект од областа на културата изграден во време на Градоначалникот Заев -така најлесно ќе се осознае вистината.
Локалната организација на СДСМ Струмица нема право да зборува во име на граѓаните на овој град,особено не во името на оние кои денес со воодушевување ја поздравија реализацијата на новите зафати во културата во Општина Струмица. Што се однесува до зградата на опожарениот театар во Струмица – нејзината реконструкција е во полн ек и таа успешно ќе биде завршена во предвидениот рок.
Го повикуваме Градоначалникот Заев,да повели да ја посети локацијата на театарот во изградба,за да почувствува колки е грандиозно чувството кога нешто се гради. Можеби една таква посета ќе му помогне да се разбуди од деценискиот сон на безидејна пасивност тотална негрижа и индиферентност кон потребите на своите граѓани. Кога нема проекти – нема ниту рокови кои треба да се испочитуваат.
Тука е и круцијалната разлика помеѓу оние што создаваат дела и оние кои создаваат магла пред очите на граѓаните. Народот гледа и народот може да процени кои се важни инвестициите и проектите кои Министерството за култура ги реализира во градот Струмица, како обновата на опожарениот театар, возобновувањето на фасадите во градот и посебно на оние во Струмичката чаршија, современата музејска поставка која наскоро ќе биде отворена, бројните археолошки истражувања на локалитетите во регионот, културните настани кои редовно се финансираат и многу други содржини кои се од исклучително значење за локалниот развој на оваа општина, се вели во реакцијата на Министерството за култура.