Македонскиот ракометен вицепрвак Металург почна со составување на тимот со кој ќе се натпреварува во новата сезона на Лигата на шампиони, Регионалната лига и домашното првенство.
Во клубот доаѓаат петмина нови играчи: српскиот голман Дарко Арсиќ (27), левото хрватско крило Мартин Марчец (23), српскиот централен и лев бек Немања Обрадовиќ (25), македонскиот репрезентативец, левиот бек Дарко Димитриевски (23) и централниот бек Горан Печенковски (28).
Сите петмина потпишаа двегодишен договор со Металург.
– Во клубот останаа младите македонски играчи, за чие дополнување ангажиравме неколку млади македонски ракометари и неколку од соседството. Досега неколку пати кажав дека македонските играчи ќе ни бидат приоритет во составувањето на екипата, а на тие позиции каде што имаме недостиг од квалитетни македонски играчи ќе дополниме со ракометари од страна. Според тој план, произлезе и првиот бран ангажмани за наредната сезона, така што сите се млади, желни за работа, за учење, за борба и победа, што сметам дека е одличен предуслов да се вклопат во нашата млада и борбена екипа, пред која сезонава претстојат големи предизвици и со кои верувам дека успешно ќе се справиме, изјави тренерот Лино Червар.
Тој најави во периодот што следува ангажирање на уште најмалку два-тројца ракометари, од кои еден ќе биде десен бек.