Блер: Постапував во најдобар интерес за Британија

Од:

Поранешниот британски премиер Тони Блер изјави денеска дека за случајот со влегување во војна со Ирак, „дејствувал во најдобар интерес за Британија“.

– Извештајот би требало да ги прекине сите досегашни обвинувања за лоши намери, лаги и измами, се вели во соопштение од канцеларијата на Блер.

– Дали луѓето ќе се согласат или не со мојата одлука да се покрене воена акција против Садам Хусеин, јас ја донесов со добри намери и како што верував, во најдобар интерес за државата, истакна Блер.
Тој додава дека извештајот содржи реална и материјална критика за подготовките и планирањето на интервенцијата врз Ирак.

– Ќе одговорам детално попладнево. Ќе преземам целосна одговорност за секоја можна грешка без исклучок или оправдување, наведува Блер.

Комисија на чело со Џон Чилкот објави денеска критичен извештај за одлуката на Британија да влезе во војна во Ирак, во кој се наведува дека интервенцијата во Ирак, од 2003 година, е изведена врз „погрешни разузнаваки сознанија и проценки“ на кои не им беа спротивставени други факти.

Во извештајот на комисијата се вели дека Британија влегла во војната пред да се истрошат сите мирни опции за разоружување на режимот на Садам Хусеин.

Поранешниот британски премиер кој одлучи британските војници да им се приклучат на американските сили во интервенцијата, направил „лоша проценка“ за тоа какви ќе бидат последиците од војната за Ирак, но и за целиот поширок регион, се констатира во извештајот.

Во обемниот материјал од 2,6 милиони зборови, нема никаква пресуда за Блер, како што тоа го посакуваат неговите политички противници и родителите на 179 британски војници, колку што загинаа во шестгодишното учество на Британците во воените дејствија во Ирак, околу тоа дали тој или некои од неговите министри го прекршиле меѓународното право.

За Чилкот ирачката војна е интервенција која „тргнала на лошо“ кон состојби кои не биле предвидени, а требало да бидат.

Во извештајот се критикуваат британските воени команданти за „преоптимистичките проценки“ кои го предизвикале „лошото решение“.

Критикуван е и Блер за начинот на кој беше презентирана потребата од воена интервенција, како и за заканата од садамовото оружје за масовно уништување, за кое се вели дека било „неоправдано уверливо прикажувано“.

Истрагата на Џон Чилкот е петта по ред за војната во Ирак и во сите се настојуваше да се најде основа за вина на Тони Блер.

Оваа последна истрага почна пред седум години и нејзниниот завршен извештај, во основа, ги повторува веќе познатите констатации за набрзина и без доволна анализа донесеното решение за војна, како и на неподготвеноста за времето по соборувањето на Садам Хусеин.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство