Поранешниот британски премиер Тони Блер му сугерира на актуелнот премиер во заминување, Дејвид Камерон, веднаш да започне со преговори со 27-те земји членки, околу раздружувањето со ЕУ.
Во разговор за радио Би-Би-Си, Блер вели дека владата сега треба да се ангажира со ЕУ за да види каков простор за менавар ќе има земјата во преговорите, инсистирајќи таа работа да ја преземе Камерон, а не тоа да му го препушта на неговиот наследник.
– Референдумот за ЕУ беше настан со сеизмичка тежина за Британија, но излегува дека главнината на нашата политичка активност сега е насочена кон тоа кој ќе биде новиот лидер на конзервативците, а не врз британските национални интереси, што се отворија по референдумот, рече Блар.
Според поранешниот премиер, јасно е само дека Велика Британија заминува од ЕУ, но не е јасно кон што се движи земјата.
Блер предупредува дека тие работи ке мора да се расчистат и предупредува на можноста преговорите околу раздружувањето да заглават, или ЕУ да не дозволи пристап на Британија кон заедничкиот пазар на Унијата, па земјата да мора да се сврти само кон Светската трговска организација (СТО).
Тој не вели дали треба да има втор референдум, иако објаснува дека треба да се респектираат барањата за тоа и вели дека сега, по референдумот, сите опции во врска со Брегзит се отворени.
-Тоа значи дека што и да се преземе, тоа ќе биде определено врз основа на една широка дебата, смета Тони Блер.
Поранешниот премиер е обвинет од сега владејачките конзервативци и антиевропејците го обвинуваат за напливот на (европски) мигранти, по проширувањето на ЕУ кон Исток, во мај 2004 година. Тој меѓутоа, објаснува дека и да се примени моделот на Австралија, за „блокирање на приливот на странци„ како што тоа го заговараат ториевците од групата за Брегзит, Британија ќе продолжи да прима луѓе од земјите на ЕУ.
Од петмината кандидати за нов лидер на конзервативците, само Андреа Лидсом смета дека преговорите со ЕУ треба да почнат „што е можно побрзо“ за да се ослободи земјата од економската неизвесност, со која се соочува.