Њујорк тајмс – Њујорк
Светот повторно е потресен и жали заради еден брутален терористички напад – овојпат во Турција, каде тројца атентатори самоубијци убија најмалку 43 лица и ранија над 200, на меѓународниот аеродром во Истанбул. Избраниот момент е посебно болен за земја со муслиманско мнозинство, затоа што се совпаѓа со 10-те најсвети денови од светиот месец Рамазан.
Нападот, за кој турските власти ја обвинуваат Исламска држава, е уште еден доказ за хаосот на Блискиот исток, и особено сириската војна, кои создава метастази кои се префрлаат преку границите и разнебитува земји кои имаат клучно значење за регионалната стабилност. Малку од тие се поважни од Турција – натовски сојузник и стратешка врска со Западот. Размената на разузнавачки информации меѓу Турција и Западот, која и без тоа е силно активна, ќе треба уште повеќе да биде проширена.
Иако Турција е во состојба на војна со курдски сепаратистички сили, сегашниот напад, сметаат експерти, е работа на Исламска држава (ИД). Аеродромот го симболизира сето она терористите не го прифаќаат, вклучително модернизацијата, меѓународната интеграција и светскиот демократски систем. Серија напади и судири во последниве неколку години – некои од нив им се припишуваат на ИД, а други на курдски сепаратисти – имаа тешки последици за туризмот, кој е важен извор за приходи во Турција. Нападот на истанбулскиот аеродром може да предизвика уште поголем пад кој една климава економија тешко би го поднела.
Не изненадува што Турција стана цел на терористите. Долго време, владата во Анкара за потценуваше заканата од ИД, додека во исто време се фокусираше на груги организации во Сирија, кои се борат за смена на претседателот Башар Асад. Турски официјални лица дозволија големи количества оружја и илјадници странски екстремистички борци да минуваат преку границата во Сирија. Некои од тие борци се сместија во Турција и веројатно ќе претставуваат закана за извесен период. Истовремено, претседателот Реџеп Таип Ердоган му овозможи на еден друг порадикален вид на ислам да процвета во Турција.
Дури минатата година, под американски притисок, Турција започна да изведува воздушни напади врз објекти на ИД и им дозволи на американсите воени авиони да ја напаѓаат терористичката организација, надлетувајќи ја Турција. Анкара почна да прави повеќе напори во затворање на сириската граница.
Тоа очигледно не и е по ќеиф на ИД и ја прогласи Турција за своја цел. Според американски службени лица и неодамнешните успеси на коалицијата која војува против ИД, ја усмерија терористичката организација да започне напади против „меки цели“, како трговски центри и аеродромот.
Во последните 18 месеци, ИД загуби скоро половина од својата територија која претходно ја контролираше во Ирак, и 20 проценти од териториите со кои владееше во Сирија, тврдат официјални лица, а изворите за финансирање на организацијата, како и бројот на странски борци кои влегуваат во Сирија се намалуваат. Големата битка која противниците на Ид сега ја водат за да го преземат градот Манбиџ во Сирија, може уште повеќе да го ограничи достапот на ИД до сириско-турската граница.
Нападот на истанбулскиот аеродром доаѓа во тежок момент за Ердоган. Неговото авторитарно раководење ги вознемирува сојузниците од НАТО. Тој шпекулира со редица кризи, вклучувајќи го и протокот на сириски бегалци во Турција, како и војната со курдите која може поактивно да ја заврши. Откако ги влоши односите со многу земји во регионот, неделава тој почна да ги подобрува, меѓу што и извинувањето до Русија за соборувањето на рускиот бомбардер минатата година, и за воспоставување на дипломатски односи со Израел по шест годишен прекин.
Се разбира, ИД не е проблем само за Ердоган. Се поголема закана за Турција е само уште една причина САД и нејзините партнери да дејствуваат уште посилно за растурање на организацијата во Ирак и Сирија, и за ставање крај на граѓанската војна во Сирија. Оваа војна не само што донесе разурнувања за стотици илјади сириски граѓани, туку создаде и плодна почва за екстремизмот.