Грчкиот премиер Алексис Ципрас и германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел денеска упатија заеднички повик за прекин на строгите мерки за штедење во Европската Унија, по одлуката на Велика Британија за излегување од Унијата, пренесе ДПА.
– Политиката на штедење треба да биде сменета. Економскиот раст и вработувањето треба да бидат на дневен ред, изјави Ципрас по средбата со Габриел, кој денеска ја почна својата дводневна посета на Атина.
Германскиот вицеканцелар, кој, исто така, е и министер за економија и енергетика, се приклучи кон коментарите на Ципрас, изјавувајќи дека Европа треба да ги надмине поделбите „меѓу оние кои се добри, како Германија, и оние кои имаат проблеми, како Грција и јужна Европа“.
Двајцата повикаа на повеќе мерки за поттикнување на растот во земјите во криза од Европската Унија.
– Не е доволно едноставно да кажеш ’намалете ги платите, пензиите и социјалната помош’, кога не се прави ништо за да се постигне раст и вработување, посочи Габриел.