Македонската одбојкарска репрезентација по одличните игри на двата турнира, во Варна и во Скопје, со оптимизам ги очекува настапите на завршницата од Европската лига.
Селекторот Жарко Ристоски уште еднаш искажа задоволство од залагањето на неговите избраници и постигнатите резултатите.
– Трета година по ред со успех ја претставуваме македонската одбојка во Европската лига. И во Варна и во Скопје покажавме дека не случајно ќе учествуваме на „фајнл фор“. Во полуфиналето играме со Австрија, наш добар познаник од изминатите години. Тие подолго време се заедно, воиграни се и квалитетни, а на нас ни останува добро да ја анализираме нивната игра и да се обидеме да стигнеме до финалето. Со досега прикажаното одбојкарите го заслужуваат тоа, рече на денешната прес-конференција селекторот Ристоски.
Капитенот Никола Ѓорѓиев смета дека искуство е на страната на Австријците, но Македонија ја има одличната атмосфера која владее во националниот тим.
-Тие се поискусни, но ние покажавме дека со сплотеност и борба за секоја топка, може да са направи резултат. Очекувам добра игра и максимално залагање, а што ќе биде на терен ќе видиме, изјави Ѓорѓиев.
Завршниот турнир од Европската лига ќе се одржи во Варна, Бугарија, на 1 и 2 јули. Првиот ден се полуфиналните дуели меѓу Македонија и Австрија (15 часот) и Естонија – Бугарија (18). Победниците в сабота ќе играат во финалето, а поразените ќе играат меч за третото место.