Екипата на Металург и следната сезона ќе игра во ракометната Лига на шампиони.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши на Металург да му додели вајлд-карта за настап во елитното натпреварување во престојната 2016/2017 сезона, во која Македонија повторно ќе има два претставника. Покрај тимот оа Автокоманда во Лигата на шампионите разбирливо Македонија ќе ја преставува и првакот Вардар.
Иако Металург минатата сезона не се прослави во елитното натпреварување сепак благодарение на резултатите од претходните сезони, како и одличната организација и услови кои ги има, беа причините поради кои ЕХФ се реши да му додели вајлд-карта.
Металург како и лани ќе биде дел од групите Ц или Д каде што се уште и екипите на:
Бешикташ, Динамо Букурешт, Мотор, Чеховски медведи, Елверум, Холтесбро, Нант, Монпелје и Ла Риоха, како и уште две екипи кои местото ќе го обезбедат преку квалификациите.
Вардар како шампион на Македонија и тим кој две сезони во низа стигнува до четвртфиналето ќе биде во А и Б групите, каде ќе играат и екипите на: Барселона, ПСЖ, Веспрем, Пик Сегед, Кјелце, Висла Плоцк, Брест Мешков, Кил, Фленсбург, Рајн Некар, Кристијанштад, Силкеборг, Кадетен Шафхаузен, Целје и Загреб.
Ждрепката за новата сезона во ракометната Лига на шампиони ќе се одржи на 1 јули, по што ќе биде познат и изгледот на групите за првата фаза.