Резултатите од референдумот во Британија не обврзуваат, но малку е веројатно дека владата ќе се одлучи за поинаков чекор со оглед на тоа дека и европските институции од денеска порачаа дека референдумската одлука треба да се спроведе што е можно побргу.
Европски лидери очекуваат процедурата што побргу да ја покрене премиерот Дејвид Камерон и да не ја остава на својот наследник бидејќи најави оставка.
Франција и Германија веќе се определија дека нема да бидат попустливи спрема Велика Британија.
Според изјави на европратеници, процесот на излегување на Лондон од Унијата ќе се заврши до 2019 година кога се следните избори за ЕП.
Според politico-eu, постојат четири можни сценарија за излез.
Според првото – Членот 50 од европскиот договор – на сите држави им е овозможен период од две години за преговори за детали за излез од Унијата.
– Најверојатно е дека ЕК ќе води преговори во име на државите членки. За да биде потврдено излегувањето и од ЕУ страната, потребно е просто мнозинство од државите членки да се изјаснат дека се „за“.
За да се случи тоа, потребно е британската Влада да ги извести членките на ЕУ дека планира да се активира членот 50.
Активација на Членот 50 подразбира формален почеток на процес за одвојување кој ќе трае две години.
Потоа законите на Унијата нема да се валидни за Британија.
Условите ќе бидат договорени со останатите 27 членки од кои секоја има право на вето и чии парламенти треба да верификуваат договор.
Политичкиот излез на Британија е најлесен дел. Многу потежок е економскиот. Според бриселски дипломати тој процес би траел дополнителни пет години.
Приватниот бизнис сектор сака што повеќе да ги ублажи условите за да се спречи економски шок, но политичарите сметаат дека условите мора да бидат брутални за да се обесхрабрат останатите членки за таква опција.
Една од опциите е законите на ЕУ да се уфрлат во уставот на Британија. Сепак постојат и спекулации дека новата влада може да ја искористи приликата за нова регулација. Тоа значи дека владата мора да направи истровремено три работи – нов договор со Брисел, серија важни трговски договори ширум светот и повторно да се регулира уставот, се предвидувања на аналитичари.
Статусот на граѓаните на ЕУ во Велика Британија е една од темите, но и статусот на британските граѓани во ЕУ. Британците имаат цели заедници свои граѓани кои земаат пензии во Шпанија, Португалија, франција…Лондон ќе мора да одлучи дали сака да има однос со Унијата како Норвешка, Швајцарија или ќе се обиде за себе да избори посебен статус.
Втората опција предвидува можност неформалните разговори за статусот на односите на ЕУ и Лондон да почнат пред владата да покрене механизам од Членот 50. Но, Брисел веќе се најде на удар на јавноста поради тој метод на водење политика.
Исто така, бидејќи правилата не се доволно формално дефинирани постои можност во Брисел референдумот да се смета за прв чекор во активирање на Членот 50.
Доколку Владта во Британија обезбеди мнозинство во Парламентот таа може и едноставно да укине важење на закони од ЕУ на територијата на својата држава. Тоа е малку веројатно бидејќи и во очи на ЕУ тие и понатаму би биле членка.
Според конвенција дозволено е државата да престане да почитува обврски кои ги има спрема меѓународни конвенции доколку дојде до фундаментална промена на ситуацијата на терен. Правници се уверени дека референдумот може да биде таа „фундаментална промена на ситуацијата“.