Промовиран првиот електричен картинг Феитмобил во Македонија

Од:

Студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска, го промовираа првиот електричен картинг во Македонија, наречен „Феитмобил“.

Електричниот картинг се реализира во рамки на проектот „Проектирање и реализација на електрично возило“ на тимот ЕЛ-КА, започнат во октомври минатата година, финансиски поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

„Навистина сме горди на тимот студенти кои успеаја за неполни десет месеци да го креираат ова картинг возило. Овие 15 студенти од студиската програма Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија, секојдневно, работеа на неговата реализација, под менторство на професор д-р Гога Цветковски и професор д-р Снежана Чундева, како и други професори од ФЕИТ. Целта на проектот е да се изработи електричен картинг кој ќе биде погонуван од електричен мотор напојуван од акумулаторски батерии. Ние како факултет секогаш сме подготвени, на секој можен начин, да ги поддржиме студентските иницијативи и да дадеме придонес во развојот на технологијата во Македонија“, рече професор д-р Христина Спасевска, продекан за настава на ФЕИТ.

Проектот ќе се реализира во неколку фази во времетраење од 3 години. Во првата фаза, која веќе е завршена, всушност се создаде конструктивниот изглед на картингот, неговото механичко и електрично поврзување и на крај, задвижувањето.

„Понатаму се планира модернизирање од аспект на режимите на сопирање со можност за враќање на енергијата и полнење на батериите, промена на насоката на движење и слично. Благодарност до ФЕИТ и до УКИМ, како и до неколку македонски компании ТАБ МАК, Атлантик, Деко, Агроопрема и други кои дадоа поддршка во реализација на проектот“, рече Иван Спасески, претставник на тимот студенти кои го реализираа електричното возило.

Возилото Феитмобил е напојувано со батерии, погонот е еднонасочен (DC) мотор со номинална моќност 2,5kW и има автономија на движење околу 30 минути. Тимот кој учествуваше во реализацијата на првата фаза од проектот го сочинуваат студентите: Александара Аризанковска, Амир Беадини, Петранка Бончева, Бодан Велковски, Ристо Ефремов, Јанѓеловска Елизабета, Стефан Лутовски, Александар Милевски, Ивана Мирчевска, Бобан Момчиловски, Никола Нацевски Тамара Панова, Дејан Пејовски, Филип Симјаноски и Иван Спасески.

Би можело да ве интересира

Студенти од ФЛУ Скопје дел од меѓународна изложба во Сараево

А1он

Доделена годишната Награда на најдобрите научници и уметник на УКИМ за постигнати врвни резултати во 2024 година

Зградите на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование пропаѓаат со години, стручна анализа треба да ја одблокира изградбта

Катерина Ѓуровски

Николовски: Партиски членови не треба да се на раководни функции на студентско организирање

Бесплатни стоматолошки прегледи за студентите на УКИМ

УКИМ донира 3.800.000 денари за настраданите во Кочани