Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА) по повод Светскиот ден на бегалците – 20 Јуни денеска ќе организира меѓународен семинар „Соработка и добро раководење на бегалската криза во Западен Балкан и централноевропските земји“.
Семинарот ќе има над 70 учесници од 11 земји – претставници на општини, граѓански здруженија и институции задолжени за прием и регистрација на мигранти од Западен Балкан и Централна Европа.
– Дводневниот меѓународен семинар ќе биде посветен на раководење со бегалската криза, соработка на локално, национално и регионано ниво, како и размена на добри практики и поттикнување на меѓукултурната толеранција, соопшти АЛДА – европска мрежа која има 180 членови (локални власти и граѓански организации) од 30 земји од ЕУ, Кавказ, Балкан и Медитеранот.
Светскиот ден на бегалците денеска попладне во Монтажната галерија ЦАЦ во Паркот на Франкофонијата ќе го одбележат и ФИООМ, Легис, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ и Младински образовен форум.
Настанот ќе опфати повеќе активности меѓу кои и дискусија на тема „Право на азил во РМ: Дали пристапот до право на азил се претвори во нелегална рзмена и депортација помеѓу државите на балканската рута?“
– Овој ден е значаен за сите луѓе во светот кои се сметаат за бегалци, баратели на азил и внатрешно раселени лица. Имајќи предвид дека во 2015 и 2016 година светот се соочи со една од најголемите бегалски и хуманитарни кризи, овој ден е особено значаен за луѓето чии животи се загрозени, престојуваат и/или пристигнуваат во Република Македонија. Пристапот до правото на азил и хуманитарна помош во Република Македоија треба да бидат целосно овозможени, соопштија организаторите.
Меѓународниот ден на бегалците денска ќе го одбележи и Здружението НУН Култура кое организира „Караван по рутата на бегалците со велосипеди“. Поаѓањето на велосипедскиот караван е напладне од Транзитниот центар „Винојуг“ кај Гевгелија.
Целта на организаторот е да се солидаризира со бегалците и симболично да потсети на нивното движење со велосипеди по автопатот од јужната граница до Табановце на почетокот на бегалската криза.