ФРОДЕМ оценува дека врхушката на ДПМНЕ односно осамениот Груевски се плаши од парламентарни избори кои треба да се одржат наесен. Затоа Груевски настојува преку завлекување на тешката државна криза парламентарните избори да ги префрли за идната година, да ги спои со локалните и на тој начин да го препокрие слабиот резултат. Истовремено, Груевски со развлекувањето на кризата има за цел да ја избегне правдата и да создаде уште поголема криза во која тој најдобро би се снашол и би го конфронтирал поделениот народ по партиско-граѓанска, но и по етничка основа.
Со сталинистички методи, од прегазеното време на Милошевиќ, Груевски очајно се обидува да активира приврзаници за одбрана на криминалот и конфронтаирање со целиот демократски свет. Вчера, во полупразната сала и задоцнета прослава, од Груевски разбравме дека имал притисок од „народот“!? Божем народот „вриел“ и од него барал акција! Потсетуваме дека оваа и сличните најави целосно се поклопуваат со „спонтаните случувања“ на народот во организација на пропаднатиот режим на Милошевиќ. Веќе видени, пропаднати и прочитани сценарија! Повикувањето на народот е само уште еден кукавички обид не еден политички очајник кој настојува да се затскрие зад народот со цел да му се опростат и заташкаат сторените криминали и зла. Народот нема овој пат да подлегне на оваа манипулација.
На сите ни е јасно дека режимот односно Груевски покрај тоа што постојано ја продлабочува кризата, ја мерка и секоја можна ситуација за да предизвика конфронтација. За сето тоа секако ќе го обвини политичкиот противник и граѓанските активисти. Единствениот метод на работа кој го знае и практикува е креирање и елиминација на наводни домашни и странски непријатели. Методот му е безочна пропаганда, замена на тези и лажни обвиненија. Сите злоупотреби кои со години ги правеше, сега ги препишува на наводните непријатели! Всушност, режимот никогаш не сакал дијалог и веќе не е во состојба ниту да води преговори, ниту да го почитува договореното.
ФРОДЕМ ги повикува сите граѓани, правдољубиви демократи и патриоти без оглед на политичката, верската или етничката припадност, сите заедно сплотени вечерва во 19 часот, пред зградата на Специјалното јавно обвинителство да го поддржиме враќањето на правдата и достоинството во Македонија.
Времето за манипулации истече. Или ќе се почитува Уставот на РМ, ќе се врати поредокот и законите ќе почнат да важат за сите подеднакво и правдата ќе биде неселективна или се во оваа земја треба да почне да се гради одново. Тоа истовремено значи дека тие што почитуваат правниот поредок треба да се разграничат од злосторнички здружените криминалци кои не дозволуваат да важи Уставот и законите, човековите права и поделбата на власта.
Сега кога гледаме колку кризата упорно опстојува и колку навистина е длабока треба да се запрашаме дали зад сето ова стои и нешто друго што е многу поопасно. Дали станува збор само за клептоманска лакомост по пари надоградена со нарцисоидна потреба за моќ, контрола и психопатско лечење. Се повеќе индиции укажуваат дека зад спречувањето на влезот на Македонија во НАТО и ЕУ, произведувањето домашни и странски непријатели заедно со конфронтацијата со целиот демократски свет, егзодусот на стотици илјади млади граѓани заедно со енормното задолжување на земјата без да има развој, стои смислено сценарио за разнебитување на Македонија.