Македонската одбојкарска репрезентација со шест победи го освои првото место во групата А од Европската лига. Вчера Македонија по вторпат ја победи Бугарија со 3-1 во сетови на задоволство на присутните гледачи во СЦ „Борис Трајковски“.
Најдобар играч на натпреварот беше капитенот на Македонија Никола Ѓорѓиев со вкупно 28 поени.
– Голема победа – споивме радост, задоволство и квалитетна игра. Во првиот сет беше присутен замор од претходните дуели и затоа грешевме. Но, се вративме кога требаше. Во Варна имаме шанси за успех и освојување на златниот медал, изјави Ѓорѓиев за победата над Бугарија.
За евентуалниот следен ривал во полуфиналето капитенот истакна дека Австрија ја победи Белорусија и единствено ако Естонија „бира“ противник нема да играме против Австрија. – Тоа е посакуван противник (Австрија) за нас. Играме последните 2-3 години со нив и сме ги победувале. Имаме два дена пауза и почнуваме да се подготвуваме. Тактиката ќе биде многу важна. Никогаш не ги потценувајте „сребрените“ од лани, рече Ѓорѓиев.
Во последниот сет селекторот Жарко Ристоски играше со играчите кои главно се на клупата или имаат помала минутажа.
– Младите многу се жртуваат за нас „првите шест“, многу ни помагаат на тренинзите. Тие во ниту еден момент не кажале ништо лошо и никако да ја нарушат атмосферата, иако се свесни дека нема да влезат за што јас сум им благодарен. Ова беше задоволство за сите во четвртиот сет, иако селекторот сакаше да играме сите, сепак, помладите останаа на теренот. Денеска и утре ќе прославиме, ќе се одмориме, а потоа од вторник повторно на работа, истакна Ѓорѓиев.
Македонија противникот во полуфиналето ќе го дознае денеска откако ќе се одигра натпреварот од групата Б меѓу Естонија и Австрија. Минатата година Македонија го освои второто место во ова натпреварување, а претходно беше трета.