Основачот на „Мајкрософт“и филантроп, Бил Гејтс изјави денеска дека Велика Британија ќе биде „значително помалку атрактивно место“ за бизнис и за инвестирање, доколку се одлучи да ја напушти ЕУ.
Во авторски текст во лондонскиот весник „Тајмс“, Гејтс пишува дека Британија ќе биде „посилна и попросперитетна земја, но и многу повлијателна“ доколку остане членка на ЕУ.
Бил Гејтс, кој важи за најбогатиот човек во светот, има досега инвестирано во Британија повеќе од една милијарда долари.
Тој се вклучи во дебатата за раферендумот за останување или за напуштање на Унијата, при самиот крај, на само шест денови пред гласањето.
По вчерашното брутално убиство на опозициската пратеничка Џо Кокс во Бристал, во близина на Лидс, денеска е запрена кампањата за референдумот, како од кампусот „Посилни во ЕУ“ така и од оние кои агитираат за Брегзит.
Досегашната кампања која се оценува како „невообичаено остра и груба и исполната со омраза“ помина во заплашување на гласачите со мигрантите од земјите членки на ЕУ, пред се од Источна Европа, кои се обвинуваат за безмалку сите проблеми со кои се соочува Британија.
Кампањата за Брегзит речиси воопшто не обрнува внимание на економијата и на последиците за земјата, која по 43 години би требало да се најде надвор од Унијата.
Од овој кампус се обвинува кампањата за останување во ЕУ дека се заплашуваат гласачите со рецесија, криза и со потребата од вонредно буџетско скратување ако се напушти Унијата.
Бројни финансиски и економски експерти, меѓутоа, тврдат дека не станува збор за пропаганда со плашење, туку за „реално сценарио за она што може да следи“ за Британците, во услови на живот надвор од ЕУ.