Полицијата во Лос Анџелес порача 100 електрични патролни автомобили од марка Бе-Ем-Ве.
Електричниот автомобил на Бе-Ем-Ве, моделот и3, е еден од неколкуте автомобил на струја, кои во последната година дена се тестирани како можни патролни возила на полициските сили во Лос Анџелес.
По пробниот период, градските власти и управата на полицијата се одлучиле „флотата“ на патролните возила да ја збогатат со 100 автомобили „Бе-Ем-Ве и3“.
Проблем за овој модел би моел да биде релативно скромниот радиус на движење со едно полнење на батеријата, кој дополнително би се намалил ако на пример автомобилот се користи во потера. Поради ова „Бе-Ем-Ве и3“ нема да се користи за потери по улиците на најголемиот калифорниски град, туку за нешто полесни полициски задачи.
Како дел од договорот за продажба на возила, Бе-Ем-Ве се обврза дека ќе изработи веб апликација која на полицијата во Лос Анџелес ќе и овозможи точен увид во позицијата и параметрите на возење на секој автомобил во реално време.
Исто така, германскиот производител ќе работи на усовршување на ефикасноста на полнењето на батеријата и потрошувачката на електричната енергија на автомобилите од флотата на патролните возила.
Градоначалникот на Лос Анџелес најави дека целта е да се забрза воведувањето на „зелени‟ возила во јавните служби, од кои градот покрај еколошка ќе има и економска корист.
Инаку, полицијата во Лос Анџелес располага со 23 електрични скутери и три електрични мотоцикли, кои се користат за патролирање.