Ракометната репрезентација на Македонија ги продолжува подготовките за претстојните бараж дуели со Чешка. Од повиканите играчи недостасуваат единствено репрезентативците кои играат во Бундес лигата (Борко Ристовски, Филип Миркуловски и Ацо Јоноски), кои треба утре да бидат на тренинг.
Селекторот Лино Червар своето деби ќе го има на дуелот со Чешка во Злин.
– Немаме многу време воедно и јас сум нов. Важно е дека има добра работна атмосфера. Ние останува да ја анализираме Чешка, а откако ќе дојдат сите ракометари и добро да се подготвиме, изјави Лино Червар на денешниот попладневен тренинг.
Од денеска со репрезентацијата е и капитенот Кирил Лазаров, а пред тренингот тој изјави имаат јасна цел – пласман на Светското првенство во Франција.
– Ова е нов почеток со нов стручен штаб затоа треба да размислуваме позитивно и да не се навраќаме на минатото. Ние сме искусна и квалитетна репрезентација и сите сакаме да играме за својата држава, изјави Лазаров.
За ривалот Чешка и за натпреварите што претстојат Лазаров рече дека нема воопшто да биде лесно со чешката репрезентација.
– Нема воопшто да ни биде лесно со Чешка. Особено што ова се последните две недели од сезоната за сите играчи. Сакам да одиме чекор по чекор, најпрвин дуелот во сабота во Злин, а потоа во среда во Скопје. Нема да ветувам, но се надевам на пласман на Светското во Франција, рече Лазаров.
Нашата репрезентација во Скопје во СЦ „Кале“ ќе тренира до четврток, а во петок наутро патува за Чешка. Првиот натпревар Чешка – Македонија се игра во сабота во Злин со почеток во 12:30 часот.