Блиц – Белград
Заговорниците за излез на Велика Британија од ЕУ во кампањата своите сонародници ги плашат со фактот дека еден ден во Унијата ќе се најде и Србија.
На помалку од еден месец до референдумот, движењето „Vote leave‟ чиј член е и поранешниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, направи пропагандни плакати кои на големо се спделуваат по социјалните мрежи, а на нив Србија и другите балкански земји кои чекаат прием во ЕУ се претставени како еден вид бабарога.
На постер е девојка која загрижено се држи за глава, не верувајќи кој се сака да влезе во ЕУ, а покрај сликите стои текст: „Албанија, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција се приклучуваат на ЕУ. Сериозно?‟
Ароганција и шовинизам се благи зборови за ваквиот вид на валкана кампања, која дојде на крилата на претходната изјава на британската министерка за вооружените сили Пени Мордонт, која луѓето од Балканот индиректно ги нарече сиромашни криминалци, бандити и терористи.
Иако премиерот Дејвид Камерон се огради од тие изјави, тие оставија голем впечаток врз британското гласачко тело, со оглед на тоа дека според последните анкети мнозинството заговараат напуштање на Европската унија.
Милош Дамјановиќ, политички аналитичар, кој докторирал на Оксфорд и долго живее во Велика Британија, за „Блиц‟ вели дека таквите пораки служат како евтин популизам.
– Се работи за еден вид на низок популизам кој игра на британското чувство за супериорност во однос на некои други земји за кои просечните Британци знаат многу малку. Меѓутоа, голема иронија лежи во тоа дека Британците се традиционално меѓу најголемите заговорници за проширување на ЕУ и опфаќање на што поголем број на членки, посебно Турција. Калкулацијата на британското Министертсво за надворешни работи секогаш беше дека проширувањето т.е. разводнувањето на ЕУ на што поголем број на земји ќе успее да спречи формирање на длабоко интегрирање на федерализираната ЕУ и дека на тој начин таа ќе остане само лабав сојуз на национални држави, вели Дамјановиќ, кој моментно се наоѓа во Лондон.
Џемјс Кер-Линдзи, професор на престижниот Лондонски факултет по економија и експерт за балканските односи, за „Блиц‟ вели дека балканофобијата не е толку силна во Велика Британија, туку дека Балканот е всушност жртва на тоа што имиграцијата стана едно од жешките прашања во земјата во последните години.
– Од „Big beng‟ и проширувањето на ЕУ во 2004 година во Велика Британија дури два милиона луѓе дојдоа да живеат и работат. Ќе слушнете приказни за тоа како има премногу мигранти, како го рушат британскиот начин на живот, но тоа се се бесмислици. Може да се каже дека мигрантите и придонесуваат за даночниот систем. Се родија нови генерации деца кои целосно се интегрирани во британскиот начин на живот. За жал, сведоци сме дека, наспроти тие факти, многу Британци на мигрантите гледаат како на несакана закана. Токму поради тоа поддржувачите на Брегзит таа атмосфера ја користат како свое основно оружје, а Балканот е жртва на таа кампања. Сепак, нивната кампања не би ја нарекол балканофобична, туку попрво ксенофобична, истакна Кер-Линдзи.
Угледниот професор додаде дека Брегзит, за жал, претставува реална опција. – Морам да признаам дека се плашам оти Велика Британија е на работ да ја напушти ЕУ. Поддржувачите на Брегзит упорно ја бомбардираат јавноста со лажни тези како таа дека Турција ќе влезе во ЕУ за пет години, што е рамно на научна фантастика. Но, сепак, тие кои гласаат за Брегзит се далеку попосветени на целта од тие кои гласаат за останување. Едноставно, тие не го пропуштаат гласањето, пред се, бидејќи се работи за постара популација, додека другата страна ја сочинуваат млади луѓе кои ретко излегуваат на гласање, загрижен е Кер-Линдзи.
Што се однесува до Борис Џонсон, Кер-Линдзи рече дека тој едноставно „гледа што е најдобро за него‟.
– Позицијата на Џонсон е обликувана околу тоа што мисли дека е најдобро за него, а не за државата. Тој многу сака да биде премиер и смета дека кампањата за напуштање на ЕУ е најбрз пат до неговата цел. Иронијата да биде поголема, сите очекуваа дека Борис ќе биде за ЕУ, а не против неа. Неговиот татко бил офицер на британската војска, а двајцата негови браќа (од кои еден е британски министер за универзитетите), како и сестрата, која е почитуван новинар, гласаат за останување во Унијата, потенцира Линдзи.
Даниел Сервер, професор на Универзитетот Џон Хопкинс за „Блиц‟ вели дека Балканот е на удар на оваа кампања бидејќи од таму „најверојатно ќе дојдат следните членки на Унијата‟.
– Покрај тоа, главниот аргумент кој го користат заговорниците за Брегзит се парите. Тоа е нивна најголема грижа, бидејќи приемот на нови членки скапо чини, вели Сервер.
Американскиот професор не го заобиколи Борис Џонсон, кого го нарече „британска верзија на Доналд Трамп‟.
– Него би ги опишал како дрзок човек кој често не е во право, истакна Сервер.
Душан Ѓуревиќ, Србин кој е роден и живее во Лондон, за „Блиц“ потенцира дека овие плакати во нивното општество можат да создадат сериозни проблеми.
– Иако тој постер не сум го видел никаде во Лондон, поради големата турско-албанско-српска популација која би се побунила, би дошло до големи нереди. Луѓето би се бунеле поради навредите на помалите земји. Ме изненадува дека движењето „Vote leave‟ прикажува вакво нешто, но сигурен сум дека Борис Џонсон своето име не би го ставил покрај таков плакат, премногу е ризично поради расизам, вели Душан.
Тој сепак додава дека е можно да се работи за последни потези на пропагандната машинерија која ја покренува кампањата за излез од ЕУ.
– Јас лично се чувствувам навреден од таквите плакати и навистина сметам дека нема шанси Велика Британија да ја напушти ЕУ. Тие плакати можат да бидат само последна шанса на движењето „Vote leave‟ да создадат некоја промена на мислењето меѓу населението од кое мнозинството е толерантно. Англичаните не знаат многу за тие држави и ќе гласаат како што ќе им каже телевизијата, поради тоа не е вообичаено медиумите да најдат начин нешто неприфатливо да го направат нормално, додава нашиот соговорник.