„Повод за денешниот прес на Либерално-демократската партија е рушењето на градската плажа кај Камениот Мост за која се потрошени значајни средства, како и други промашени проекти на Градот Скопје покрај реката Вардар“, рече потпретседателот на ЛДП, Проф. Д-р Зоран Шапруиќ.
„Пред четири години беше отворена градска плажа на кејот на реката Вардар, покрај Камениот мост. За изградба на оваа плажа директно беа потрошени 8.700.000 денари, како и додатни средства за нејзино одржување. Градоначалникот на Град Скопје во таа прилика изјави дека оваа плажа ќе биде пријатно место и културно катче каде што граѓаните ќе се забавуваат, спортуваат, рекреираат и освежуваат за време на летните горештини. ЛДП и опозицијата во Советот на Градот Скопје, во повеќе наврати укажуваше дека станува збор за промашен проект и залудно трошење на значајни средства. По неполни 4 години оваа плажа е срушена поради, како што е наведено во штурото соопштение на градот Скопје, тоа дека плажата е срушена изведување на други градежни објекти. Од ова сосема е јасно дека залудно се потрошени значајни средства и станува збор за компленто промашен проект.
И за другата градската плажа, покрај Луна паркот, може да се констатира дека претставува промашен проект и е поприлично запуштена и од година во година се помалку се користи.
Последните случувања покажаа дека и при најмало зголемување на нивото на водата на реката Вардар т.н галии се соочени со закана од поплавување. Ова може да се очекува и во иднина. Наспроти бројните укажувања на експертите дека означените проекти на градот се промашени, градоначалникот на градот Скопје одлучи да ги реализира овие проекти за што беа потрошени значајни средства од буџетот на градот.
ЛДП до Советот на Град Скопје, заедно со коалиционите партнери, ќе поднесе брање на наредната седница да се расправа за исходот од овие промашени проекти“, изјави потпретседателот на ЛДП, Проф. Д-р Зоран Шапруиќ.