Нашите стратешки цели остануваат непроменливи и јасно утврдени со општиот консензус природно насочен кон европските и евроатлантските интеграции, порача министерот за одбрана Фатмир Бесими пред доброволците за служење воен рок во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман”.
„Посебно ме радува фактот дека оваа класа на граѓани кои доброволно се имаат пријавено за служење на воениот рок е најбројна, па дури и двојно побројна во споредба со некои претходни класи. Овој податок ми дава за право да кажам дека на овој начин најеклатантно се потврдува довербата која граѓаните ја имаат во Армијата на Република Македонија, изразена на неколку испитувања на јавното мнение во однос на нивото на доверба кон државните институции”, рече Бесими.
„Во иднина некои од вас ќе го изберат воениот позив и ќе се стекнат со статус на професионални војници на Армијата на Република Македонија, високо професионално обучен кадар кој ќе продолжи да придонесува за потврдување на афирмација на Република Македонија на меѓународен план како успешен контрибутор за регионалната безбедност и мирот во светот”, рече Бесими.
„Поголемиот дел од земјите членки на НАТО, дури и оние кои имале долга традиција, го имаат напуштено регрутниот систем и имаат воведено доброволен систем на пополна т.е. имаат целосно професионални армии. Република Македонија беше прва во регионот на Југоисточна Европа која постигна целосна професионализација на АРМ. Тоа е најголемиот реформски проект на националната одбрана и во поширока смисла на зборот претставува основа на целокупниот процес на модернизација на Армијата и интеграција кон Евроатлантската заедница”, рече Бесими.
„Наша задача е исто така, сега и во иднина, да работиме на подобрување на стандардот и имиџот на воените лица, војникот – подофицерот – офицерот на Армијата на Република Македонија, соодветно на имиџот кој со години го гради Армијата на Република Македонија. Оваа заложба е веќе предвидена во неколку стратешки документи на ниво на држава како и во рамките на самото Министерство за Одбрана. Тука го имате моето ветување”, рече Бесими во обраќањето по повод давањето свечена заклетва на граѓаните за доброволно служење на воениот рок.