Во петокот истече рокот за „предизборната кампања“, односно за претставување на програмите на кандидатите за нов Ректор на УКИМ. На актуелниот, Велимир Стојковски, му истече вториот мандат.
Конечниот број на пријавени кандидати се шест професори: проф. Ненад Новковски, поранешен министер за образование, проф. Атанас Кочов, декан на Машински факултет, проф. Александар Димитров, декан на Технолошко – металуршиот факултет, проф. Елена Думова, од Градежниот факултет, проф. Коле Василевски од Шумарскиот факултет и проф. Никола Јанкуловски, од Медицинскиот факултет.
Колкави се политичките влијанија во изборот на новиот ректор? Каков ќе биде неговиот однос кон Студентскиот пленум, кон промените во Законот за високо образование што беше и причина за окупацијата на Универзитетот во 2015 година, кон изградба на два нови факултетити – проект на владејачката партија?
– Политичкиот притисок за тоа кој ќе биде ректор е голем но, не е јавен. Тој не се гледа во јавноста бидејќи сите кандидати за ректор, освен мене се всушност од високиот универзитетски менаџмент кој досега не реагираше ниту на уривањето на автономијата на Универзитетот, не реагираше на активностите на Студентскиот пленум, ниту пак, реагираше на сечењето на дрвата во кампусот на УКИМ. Тие кандидати за ректор, на позициите од кои сега конкурираат дошле со амин на владејачката партија, замешани се во многу работи, вели професорот Новковски за А1 он.
Како еден од фаворитите за нов ректор се споменува името на досегашниот декан во два мандати на Машинскиот факултет, професорот Атанас Кочов.
– Политиката би требало да биде надвор од Универзитетот, бидејќи тој има автономија која е загарантирана со Уставот на РМ. Мислам дека изброт на новиот ректор треба да биде преку идеите и програмите и застапник сум да има што повеќе јавни дебати за да академската заедница ги добие сите одговори., вели професорот Кочов за А1 он.
Од друга страна, Студентскиот пленум веќе подолго време алармира дека студентските претставници, кои ќе гласаат за новиот ректор се нелигитимни.
-Овој пат, Универзитетот бира ректор со нелигитмни студентски претставници како декор што треба да го претставува студентскиот глас. Мандатот на претставниците на Студентскиот парламент е изминат во 2015 година и сè уште не се одржани избори. Во меѓувреме, дознаваме дека се поставени 10 нови преставници без да знаеме кои се тие и на кој начин се избрани. Ректорската управа е закажана за 15 јуни, додека изборот ќе се спроведе на 27 јуни и планирано е да гласаат новоименуваните претставници.
Студенти, ќе дозволиме ли во гласањето за ректор на УКИМ, во наше име, да гласаат послушници кои што не ги застапуваат нашите ставови?, велат од Студентскиот пленум
Независно од ова предупредување на Студентскиот пленум и професорот Новковски вели дека владејачката ВМРО – ДПМНЕ веќе има воспоставено контрола врз мнозинството воУниверзитетскиот Сенат, кое со тајно гласање треба да го избере нов ректор, па токму затоа, за разлка од претходно, притисоците не се јавни. Сепак тој не се откажува од трката за ректорската позиција
– Моите шанси се такви што одам со знаење, со чиста игра, со најшироки познавања и капацитет. Може да се случи според онаа народната: Не за кого е печено, тукку за кого е речено. Но тоа најмногу ќе зависи од Сенатот, колку ќе одолеат на пртисоците и дикататите, вели Новковски за А1 он.
Александра Бубевска