Ракометарите на полскиот шампион Киелце се новите европски шампиони откако во финалето вечерва во Келн го победија Веспрем по изведувањето на пенали. Во регуларниот дел резултатот беше 29:29, а по продолжението 35:35, на пенали беше 4:3 за Киелце.
Ова за Киелце е првата титула европски шампион.
Полскиот тим направи голем подвиг откако во 47. минута беше во негатива од девет голови, односно Веспрем водеше со 28:19. Киелце успеа да се избори за продолжение откако во последните секунди Кшиштоф Лиевски постигна гол за изедначување – 29:29. Во продолжението во последните секунди Кристијан Угалде изедначи за Веспрем на 35:35 и се избори за пенали.
Во пенал серијата Киелце беше подобар со 4:3 и со вкупни 39:38 стигна до својата прва европска титула.
Тобијас Рајхман од Киелце со 9 голови беше најефикасен, додека кај Веспрем 7 голови постигна Угалде.
Во натпреварот за 3. место ПСЖ го победи Кил со 29:27.