Ракометарите на Вардар со победата од 24:21 над Металург ја потврдија првата позиција на табелата и со тоа ја одбранија титулата првак на Македонија.
„Црвено-црните“ во 8. коло од плеј-офот заслужено стигнаа до триумфот пред се бидејќи на голот го имаа расположениот Арпад Штребик кој имаше 16 одбрани (10 во првиот дел).
Во текот на целиот натпревар, Вардар беше во водство, кое Металург се обидуваше да го анулира, но во нападот имаше малку расположени играчи. Во првиот дел тоа беше само Филип Талески, кој на крајот од дуелот заврши со 9 голови, додека Јанко Божовиќ постигна пет (сите во второто полувреме). Младиот голман на Металург, Мартин Томовски имаше седум одбрани.
Вардар има 24 бодови, а Металург 18 на две кола до крајот, со што ја обезбеди втората титула по ред или вкупно 10-та во клупската историја.