Неисправните воздушни перничиња на јапонскиот производител „Таката“ предизвикаа уште едно масовно отповикување автомобили на американскиот пазар.
Јапонскиот производител на автомобили „Тојота“ ќе ги повика сопствениците на речиси 1,6 милиона возила во САД на вонреден сервис за да го отстрани потенцијалниот дефект на воздушното перниче за совозачот што го произвела јапонската компанија „Таката“.
„Одлуката е донесена врз основа на неодамнешните информации добиени од „Таката“ и американската Национална агенција за безбедност во сообраќајот (НХТСА)“, се наведува во соопштението на „Тојота“, пренесуваат француските медиуми.
На почетокот на мај, американските регулаторни органи на „Таката“ и наложија да испита меѓу 35 и 40 милиони воздушни перничиња вградени во возилата во САД заради можна фабричка грешка која може да доведе до повреди кај патниците при активирање. Заради овој проблем, во САД се повлечени речиси 29 милиони возила, а ширум светот околу 50 милиони возила.
Во бројните несреќи заради неисправни воздушни перничиња досега животот го загубиле најмалку 11 лица, додека повеќе од 100 се повредени.