Полскиот министер за надворешни работи Витолд Вашчиковски ги обвини денеска европските лидери дека преземаат чекори, кои се далеку од правилата на Европската унија и додаде дека ова не е Унијата, кон која неговата земја сакала да се приклучи.
Вашчиковски ова го изјави во Брисел пред објавувањето на мислењето на Европската комисија, во кое се очекува да има критики против Полска по прашањето за правната држава и конфликтот меѓу Владата и Уставниот суд.
ЕК и даде на Полска ултиматум до вчера да пронајде решение за проблемот и се закани дека ќе воведе санкции кон земјата.
Вашчиковски истакна дека заканите со санкции се далеку од основните принципи на кои почива ЕУ.
– Тоа не е Унијата, тоа не е членството на кое ние се согласивме, додаде полскиот министер за надворешни работи.
ЕК смета дека во Полска е загрозена правната држава и покренува второстепена постапка против таа земја. Со постапката против Полска во врска со правната држава, ЕК прави преседан и прв пат го применува инструментот, кој го воведе во март 2014 година со поддршка на Европскиот парламент и покрај противењето на Советот на министрите, односно претставниците на националните влади.
Тој механизам е воведен како мерка пред вистинската кривична постапка според членот 7 на Лисабонскиот договор на ЕУ. Оваа „политичка атомска бомба“, како што ја нарече постапката поранешната еврокомесарка за правда Вивикан Рединг, може на крајот да доведе до одземање на правото на глас на обвинетата земја. ЕУ досега не го применила членот 7.
Потпретседателот на ЕК Франс Тимерманс и неговите правници и замеруваат на полската Влада дека правната држава во земјата е систематски загрозена. Промените на составот на Уставниот суд и ограничувањето на неговиот начин на работа, ја ограничуваат независноста на правосудството на начин на кој се кршат европските начела на правна држава, смета тој.