Третиот Балкански конгрес на анестезиолозите насловен „Анестезија во ортопедската хирургија и интензивно лекување“ почна денеска во Скопје, во организација на Здружението на анестезиолози на Република Македонија и Tурската асоцијација на анестезиолози-ARUD.
На конгресот, кој ќе заврши на 21 мај, има 300 учесници од Македонија, Турција, балканските земји, Европа, Израел и Индија.
Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски во обраќањето пред присутните рече дека конгресот е можност за размена на искуства меѓу реномираните експерти од областа на анестезиологијата.
– Министерството за здравство во континуитет е фокусирано на зајакнување на бројни медицински специјалности, меѓу кои и анестезиологијата, со цел постојана надградба и надополнување на специјалистичкиот кадар, како и поголема достапност на специјалистичките услуги до сите граѓани, истакна Андовски.
Една од низата мерки во оваа насока, посочи, е и можноста за кофинансирање на специјализации за невработени и доктори кои не работат во јавни здравствени установи, со која Министерството за здравство ќе кофинансира од 20 до 80 проценти од нивната специјализација. Потенцира дека за таа цел е објавен оглас за 100 кофинансирани специјализации од кои дури 20 специјализации се за анестезиологија во делот на интензивна нега.
– Во изминатите неколку години се доделени над 40 специјализации во Македонија од областа на анестезиологијата со интензивно лекување, а во моментот во тек се специјализациите на двајца доктори на медицина во Клиничкиот центар во Загреб и во Белград. Според Програмата на Министерството за здравство за четиригодишниот период (од 2015 до 2018) предвидено е да се доделат 61 специјализација за анестезиологија со интензивно лекување, а само во учебната 2015/2016 година 14 специјализации по анестезиологија и 6 за педијатриска анестезиологија, додаде Андовски.
Деканот на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски рече дека конгресот отвора нови можности за размена на знаења и искуства и претставува своевиден придонес во натамошниот развој на науката.
– Тој претставува реализација на стратешките цели на нашиот Универзитет за поттикнување, проширување на меѓународната научно-истражувачка работа. Програмата на годинашниов конгрес ветува успешна работа, следење на научните достигнувања во областа на медицинската наука и натамошен придонес кон остварувањето на најхуманата професија во функција на најскапоценото – здравјето на човекот, додаде Јанкуловски.
Претседателот на Здружението на лекари по анестезија, реанимација и интензивно лекување, Андријан Карталов изрази надеж дека конгресот ќе даде голем придонес во развојот на анестезиологијата, конкретно во ортопедската хирургија и интензивното лекување. Посочи дека конгресот ќе биде збогатен со две работилници од областa на анестезиологијата.
– Здружението има 206 членови. На скопските клиники и во Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември“ веќе специјализираат една голема група специјализанти така што бројот е со теденција да расте. Во моментов таа бројка ги задоволува потребите на државата, додаде Карталов.