Додека после кревањето на економските санкции „Пежо“ се подготвува од 2017 во Иран да почне со производство на свои автомобили, а „Ауди“ ги разгледува плановите за влез на пазарот во оваа земја, за американскиот „Шевролет“, се чини, нема место во иранските продажни салони.
Продажбата на возила од марката „Шевролет“ е стопирана бидејќи врховниот ирански верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, ја критикуваше оваа американска марка и ги повика властите да го поддржат локалното производство на автомобили, пренесоа американските медиуми.
-Дури ни Американците веќе не се заинтересирани за купување такви автомобили, бидејќи се претешки и големи потрошувачи на гориво, вели Хамнеи и гласно запраша зошто Иран да увезува автомобили од „банкротирана американска фабрика“, веројатно алудирајајќи на кризата од пред неколку годиниа кога „Шевролет“ и неговиот сопственик, „Генерал Моторс“ (ГМ), од банкрот ги спаси американската Влада.
По изјавата на иранскиот врховен верски лидер, откажана е спогодбата за увоз на 200 автомобили од марката „Шевролет“ во оваа земја, што, да иронијата биде погоолема, се произведени во Јужна Кореја.
-Увозникот беше информиран дека продажбата на овие автомобили нема да биде дозволена.
Автомобилите не беа ниту пристигнати во Иран, туку биле само качени на брод во Јужна Кореја, изјави неименуван претставник на иранската Влада, а пренесе иранската агенција Мер.
Хамнеи, исто така, ги критикуваше младите Иранци кои по улиците на Техеран возат скапоцени автомобили, истакнувајќи дека за тоа е виновна „кризата на идентитет и лошото воспитување“.