Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун ги поздрави „конструктивните чекори“ во рамки на продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, изразувајќи надеж дека тоа ќе доведе до нормализирање на односите и воспоставување траен мир во регионот.
Бан Ки-мун во својот редовен тримесечен извештај наведе дека во претходниот период, од 16 јули до 15 октомври е направен позитивен напредок во настојувањата да се спроведат договорите постигнати во дијалогот со посредство на ЕУ.
– Ги поздравувам уверувањата на Белград и Приштина во поглед на нивната подготвеност и посветеност да го продолжат силното ангажирање во дијалогот, со цел да се решат спорните прашања по мирен пат и да се одржат нивните заеднички европски перспективи, се нагласува во извештајот за мисијата на ОН на Косово.
Бан истакна дека последните неколку месеци покажале дека двете страни се способни да ги надминат пречките кои се појавиле поради различните интерпретации на договорите и дека „имаат волја да тргнат напред“.
Тој укажа дека по овие чекори треба да следи целосно спроведување на договорите постигнати за време на минатите состаноци во рамки на дијалогот.
Генералниот секретар на ОН во извештајот, кој Советот за безбедност ќе го разгледува на 27 ноември, истакнува дека во претходното тримесечие безбедносната ситуација на Косово била „главно мирна“, но укажа дека безбедносните инциденти и понатаму предизвикуваат загриженост.