Огромниот пожар, што го опустоши канадскиот нафтен град Форт Макмари, во провинцијата Алберта, може да се зголеми и до крајот на денот да зафати 2.000 квадратни километри, пренесе ДПА, цитирајќи го предупредувањето на канадските власти за телевизијата Си-Би-Ес њуз.
Оваа површина е три пати поголема од површината на Торонто.
Пламените јазици веќе уништија 156.000 хектари шума и до крајот на денот пожарот може двојно да ги зголеми своите размери. Променливите ветрови во реонот ја усложнуваат ситуацијата. Тие, меѓутоа, денеска стихијата ја насочија југоисточно од Форт Макмари, каде делови од градот и натаму тлеат.
Пожарот, што избувна на 1 мај, досега уништи над 1.600 згради и принуди 90.000 лица да се евакуираат од Форт Макмари. Над 1.200 пожарникари се борат со пламените јазици во провинцијата Алберта, помогнати од над 100 хеликоптери и повеќе од 20 авиони канадери.