Музеите не се само чувари на минатото, туку се и мостови за соработка во сегашноста. За значењето на овие институции кои го собираат и заштитуваат на културното наследство е посветена министерската конференција „Национални музеи на Југоисточна Европа – статус, менаџмент и партнерство“ која денеска се одржува во Скопје.
Организатор е Министерството за култура на Република Македонија и е во рамки на македонското претседавање со Процесот на соработка во ЈИЕ и Регионалниот совет за соработка до јуни 2013 година.
Работни групи од музејски институции од земјите на ЈИЕ подготвија заедничка декларација – документ кој ги обврзува на соработка и размена на искуства во управување, колекционирање, заштита и презентација на културното наследство, примена на современи технологии и дигитализација на музејската документација, музејска едукација и размена на стручен кадар.
– Првпат се одржува конференција на оваа тема, која е многу важна, пред се за поврзување и вмрежување на националните музеи во регионот. Република Македонија има со што да се пофали бидејќи во изминатиот период културата зазема значајно место во општествениот развој, се има почит кон културното богатство и вредности, доста се вложува во музејската дејност и археологијата… Многу е важно музеите да не стагнираат, туку да се надоградуваат. Секој град да има свој музеј во кој ќе го претстави културното наследство на тој регион, рече министерската за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Посочи на музеите отворени во изминатите неколку години во Македонија – за Мајка Тереза и за Тоше Проески, музеите на македонската борба и на холокаустот, Музејот на вода во Охрид, а догодина се очекува и Археолошкиот музеј во кој ќе бидат изложени бројните артефакти кои се над 400.000 од различни периоди откриени во систематските археолошки истражувања. Покрај освежувањето на изложбените поставки во самите музеи, важни се и меѓународните претставувања од кои Канческа-Милевска ги спомна неодамнешните во Холандија, Италија, Украина, САД.
Учесниците на конференцијата се согласни дека во услови на економска криза, кога културата е меѓу првите сектори на удар во кратење на финансиите, важно е институциите од соседните земји да се поврзат и да работат заеднички проекти.
Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Хидо Бишчевиќ истакна дека регионалната соработка преку креирање мрежа на музеи во ЈИЕ може да донесе големи придобивки.
– Живееме во многу тешки, кризни времиња, и колку е важна оваа конференција за да ја унапредиме соработката меѓу музеите е и податокот за затворањето на Националниот музеј на Босна и Херцеговина во Сараево пред еден месец поради недостиг од финансии. Сите музеи во регионот, за жал, мора да трпат намалување на буџетските средства поради економската криза. Но, без оглед на кризните времиња, со соработка може да се постигне многу. Кога нема одделни пари, можеби ќе успееме со заеднички проекти, со прекугранична соработка, осмислување музејски проекти кои ќе гостуваат низ регионот, изјави Бишќевиќ.
Министерот за култура на Црна Гора Бранислав Миќуновиќ смета дека без здржување на музеите во регионот и во светот, културните и другите контакти се бесмислени.
– Музеите не се минато, тие се сегашност, тие се и одреден вид бизнис, нешто што треба да учествува во државниот развој. Пари недостигаат начелно, но секое општество прави приоритети и ако се земе долгиот пат на цивилизација или идентитет на еден народ, се постигнува се. Како во кој период, сметката прва ја плаќа културата, таа секогаш во криза оди на маргините. Но, сета култура не е во парите и духовниот живот не зависи секогаш од финансиите, рече Миќуновиќ.
Министерската конференција се одржува во Музејот на македонската борба. Учестувуваат делегации од министерствата за култура на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Молдавија, Романија, Србија, Хрватска и од Црна Гора и претставници на УНЕСКО и на меѓународни организации.