Македонскиот шампион ЖРК Вардар втор ден е во Будимпешта како дел од учесниците на завршниот турнир од Лигата на шампионите. „Вардарки“ денеска се последни на листата за тренинг, но тоа најверојатно нема да биде пречка избраничките на тренерот Индира Кастратовиќ подготвени да се појават во утрешното полуфинале против романската екипа Букурешт.
– Едвај чекаме да почне натпреварот. Има позитивна атмосфера. Се надевам на победа и конечно во третиот обид да стигнеме до финалето, да се оствари „трета среќа“, изјави Андреа Пенезиќ.
Во редовите на Букурешт добро знаат што значи нападот на Вардар, кој е најефикасен сезонава со 405 голови, а нашиот првак оствари две победи во дуелите од групата (22:21 во Скопје и 30:25 во Букурешт).
– Секој детал ќе биде решавачки за победникот на натпреварот. Нашата одбрана мора да биде добра. Вардар има извонреден напад и само со добра поставеност во одбраната имаме шанса да се надеваме на победа, изјави Лине Ана Јоргенсен од Букурешт.
Натпреварот Вардар – Букурешт се игра утре во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта со почеток во 17:45 часот, додека од 15.15 часот играат Ѓер и европскиот првак Будуќност.