Додека целиот демократски свет го слави денот на слободата на печатот, ние дојдовме во затворот пред Шуто Оризари затоа што неговата симболика најдобро зборува за нашата неслобода, рече претстедалот на ЗНМ, Насер Селмани. Тој потсети дека во затворот пред кој ја одржа прес конференцијата е притворен новинарот Зоран Божиновски поради, според него, неосновани обвиненија.
– Единствена вина на Божиновски е што имаше храброст да пишува за грдото лице на власта, за нејзините лаги, криминал и неморал. Тие што Македонија ја претворија во големо уво не можат да обвинат други за шпионирање. Амнестираните за криминал не можат да вперат прст кон други за наводно злосторничко здружување. Со кој образ оваа власт може да обвини новинар за уцена кога владеат единствено предку притисоци и уцени. Силно се солидализираме со колегата Божиновски и сакаме да го увериме дека остануваме со него се додека не биде ослободен, вели Селмани.
Тој истакна дека новинарите во Македонија се затвараат, се тепаат, заплашуваат, прислушуваат, етикетираат и се дискредитираат со цел да не говорат за злоупотребите на власта.
Според претедателот на ЗНМ, медиумите поради корупциските врски со власта станаа пропагандна машинерија за манипулација на граѓаните.
– Власта упорно одбива реформи во медиумите кои значително ќе ја подобрат состојбата со слободата за изразување. Мора да престане насилството врз новинарите, а насилниците најостро да се казнат. МРТ мора да биде сервис на граѓаните и медиумскиот регулатор мора да биде независен од политичките влијанија. Уставот на Македонија ја гарантира слободата на печатот, но власта не дозволува ова право да заживее. Јасно и порачуваме на власта дека по ниедна цена нема да се откажеме од борбата за слобода за изразување, рече Селмани.
Александар Тодески