Министрите за финансии од еврозоната се согласија да го продолжат за две години периодот за фискалното прилагодување на Грција, но крајната одлука за доделување на следната транша од финансиската помош ќе ја донесат на посебен состанок што ќе се одржи на 20 ноември.
Шефот на еврогрупата Жан-Клод Јункер и еврокомесарот за монетарни и економски прашања, Оли Рен ги пофалија грчките власти за усвојувањето на последниот пакет фискални и структурни реформи, но извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард нагласи дека некои „поглавја“ допрва останува да бидат решени.
„Еврогрупата ги поздравува напорите на грчките власти да ја вратат програмата на вистинскиот пат. Еврогрупата ги признава значителните напори на грчките граѓани“, рече Јункер по состанокот кој траеше шест часа.
Лагард изјави дека ММФ има „различни ставови“ за распоредот додавајќи дека, сепак, се уште се преговара.